15.11.2011, 16:04 Груевски предлага дислокација на Топилницата
Во Велес, неполн час по објавувањето на веста, граѓаните почнаа да слават по улиците
Сања Наумовска
Премиерот Никола Груевски одговори на апелот на велешани. Тој вчера ја повика компанијата „Метрудхем“ да размислува за дислокација на Топилницата. Груевски им нуди на инвеститорите и помош од Владата при утврдување на новата локација каде што би можеле да го отпочнат својот бизнис. Премиерот посочува дека ги поддржува сите инвестиции како отворањето нови фабрики што создаваат нови работни места, но, сепак, пред се' и над се' мора да биде здравјето на луѓето, на децата и на идните генерации на кои треба да им остане здрава животната средина.
Од „Метрудхем“ вчера немаа конкретен став за повикот на премиерот Груевски за изнаоѓање нова локација за рестарт на капацитетот, надвор од урбана средина и подалеку од Велес. Во скопското претставништво на компанијата информираа дека внимателно ќе го анализираат предлогот и дека најбрзо ќе излезат со свој одговор.
Во Велес, пак, неполн час по објавувањето на веста граѓаните почнаа да слават по улиците. Велат дека со години очекувале ваква вест и многу се благодарни за чувств��то што го покажал премиерот за нивниот проблем. Бидејќи во редовите на Зелената коалиција, покрај граѓаните членуваат и голем број експерти, велат дека активно ќе учествуваат во предлозите за нова локација за Топилницата. Среќни се што нема да биде во урбаното подрачје на нивниот град, но препорачуваат, каде и да биде да се испочитуваат еколошките стандарди кои ги наложуваат законите во нашата земја.
„Благодарни сме што токму премиерот Груевски го разбра нашиот проблем и што даде вистински предлог. Иако работата не е завршена, треба да се почека ставот на ’Метрудхем’. Се надеваме дека ќе размислат сериозно и дека ќе го прифатат повикот. Ние, исто така ја нудиме нашата помош и знаење при изнаоѓањето на новата локација“, нагласи Игор Смилев од Зелената коалиција.
Премиерот Груевски им препорача на инвеститорите да размислат за просторна дислокација на Топилницата на место што на ниту еден начин нема да предизвикува оправдани стравови кај велешани, односно место каде што ќе се смета дека нема да ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните на Велес. Сепак, премиерот потсети дека дури и ако компанијата ја дислоцира Топилницата надвор од Велес, таа ќе мора да ги примени највисоките еколошки стандарди во процесот на производство и потребните инвестиции кои ги најавија за заштита на животната средина.
„Трагедијата на велешани, која се случуваше во минатото, не смее да му се повтори во иднина ниту на Велес, ниту на кој било друг град во Македонија“, нагласи Груевски. |