16.11.2011, 13:53 Кривична пријава за Ване Цветанов
Доставена е кривична пријава за поранешниот директор на Управата за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Ване Цветанов. Единицата за економски и за компјутерски криминал при СВР Скопје го гони за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Според пријавата, Цветанов, во периодот од 2008 до 2010 година, склучувал договори за јавни набавки во спротивност на Законот, а го пречекорил и лимитот за користење службени мобилни телефони за него и за други двајца вработени, а со тоа го оштетил буџетот за 748.533 денари.
Цветанов ја напушти директорката фотелја во Управата за спречување на перење пари пред повеќе од една година, при што обвини дека власта нема интерес да се бори со криминалот. Тој, потоа со месеци мистериозно исчезна надвор од земјава. Пред неговото заминување од функцијата, тој однесе седум картонски кутии во канцеларијата на јавниот обвинител Љупчо Шврговски со тврдење дека се полни со докази за постоење мрежа од бизнисмени вклучени во организиран криминал во земјава. Неговите докази не беа прифатени.
Според кривичната пријава која сега му ја поднесе полицијата, Цветанов во 2008 година префрлил на сметка на фирма 117.000 денари за обуки на вработените ORACLE, но од проверките било утврдено е дека тој воопшто не побарал да се реализираат обуките. Тој се товари и за спорни постапки за набавка на материјали за поправка во просториите на управата, како и неправилности при јавна набавка за поправка и за сервисирање на моторни возила. (Х.Р.)
|