16.11.2011, 15:39 Камбера нема намера да го признае уставното име
„Политиката на Австралија во однос на проблемот со името на поранешната југословенска Република Македонија останува непроменета“, порачал министерот за надворешни работи Кевин Руд на форум во Аделаида.
„Австралија ја призна земјата под ова име и нашата политичка линија нема да се смени додека Грција и БЈРМ не најдат обострано прифатливо решение за проблемот“, стои во изјвата на Руд.
Изјавата на Руд, според „Грчки репортер“, дошла само неколку денови откако Австралиско- македонскиот комитет за човекови права се сретна со премиерката Џулија Гилард во Мелбурн.Според Комитетот средбата била закажана во рамките на нивната координирана кампања која има за цел да се убеди Австралија да ја признае Македонија под нејзиното „уставно име“ „Република Македонија“. И австралискиот премиер и присутните министри, според весникот, не ги коментирале барањата на Комитетот и не најавиле било какви заложби.
Иселениците од Македонија почнаа кампања под слоганот „Време е“, повикувајќи ги сите да им приоѓаат на парламентарците од нивната област и да бараат да се измени надворешната политика на Австралија во однос на проблемот со името и Македонија да се признае со нејзиното име „како што тоа веќе го направиле сојузниците на Австралија“. Во исто време тие бараат од Австралија да отвори амбасада во Скопје. (Н.Р.)
|