18.11.2011, 09:06 Мекејлеб му донесе нова победа на Монтепаски
Италијанците славеа со 84-73, а нашиот репрезентативец постигна 14 поени за нешто повеќе од 24 минути игра.
Нашиот репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб со уште една квалитетна партија за Монтепаски Сиена стигна до лесна победа против Проком во 5. коло од Групата Д во Евролигата.
Италијанците славеа со 84-73, а нашиот Бо и покрај тоа што главно повеќе одмараше на натпреварот поради лесната задача против Проком, сепак на крајот за нешто повеќе од 24 минути минати на паркетот повторно беше најдобар во тимот од Сиена со постигнати 14 поени (3/5 за два и 1/2 за три поени) плус со четири скока, пет асистенции и три украдени топки.
По петтото коло во Групата Д, Монтепаски Сиена останува на второто место и натаму зад Барселона која вечерва славеше на гостувањето против Галатасарај со 66-70. Во истата група Уникс лесно победи против Унион Олимпија со убедливи 81-51.
Анадолу Ефес каде што настапува Влатко Илиевски загуби во Мадрид од Реал со 84-104. Нашиот плејмејкер одигра 18 минути, а забележа само два коша. Зад неговото име останаа запишани два скока, четири асистенции и пет загубени топки.
Партизан го мина Ефес на табелата, откако направи чудо во Милано, против Армани. Иако губеше со 60-43 на 8 минути пред крајот, со серија од 26-5 ја пресврте средбата во своја корист - 69-65.
Макаби не го дава врвот во оваа група. Победи по четврти пат, овојпат против Шарлроа, со 69-59. Реал и Партизан имаат 3-2, а Армани и Ефес 2-3, последна е Шарлроа со 1-4.
|