17.11.2011, 14:06 Рајковиќ: Скоковите го решија дербито
Тренерот на Фени Индустри кој вчеравечер во дербито против Торус победи со 100:91 како клучен фактор за триумфот ја истакна скок-играта на неговите кошаркари во второто полувреме.
„Скок-играта, која ни беше многу лоша во првото полувреме, но ја поправивме во продолжението, беше клучна за победата. Торус уште еднаш потврди дека е одлична екипа. Тие беа подобри од нас во првото полувреме, ние игравме како во грч, но успеавме да се ослободиме од притисокот во второто полувреме и ги превземавме работите во свои раце. Сите мои играчи покажаа максимална игра и сите се подеднакво заслужни за оваа голема победа“, изјави Рајковиќ.
По триумфот над Торус, бранителот на титулата Фени Индустри остана единствената непоразена екипа во Првата кошаркарска лига. Во дербито одиграно во Кавадарци тие по првиот дел беа во минус од 9 поени (39:48), но со извонредна игра во вториот дел и со 61 поен успеаја да направат пресврт и да стигнат до нова победа. Најефикасен на натпреварот беше Кирил Николовски со 26 поени.
Повеќекратниот првак на Македонија, екипата на Работнички уште еднаш беше поразена. Тимот од „Градски парк“ на домашен терен загуби од Лирија со 92:90.
Домашни победи постигнаа екипите на Вардар и на АБА Струмица. Вардар во „СРЦ Кале“ ја победи екипата на Кожув со 82:59, додека АБА Струмица минимално го победи Куманово со 70:69.
Во осмото коло слободна беше екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Табела: Фени Индустри 14 бодови (7 натпревари), МЗТ Скопје Аеродром 13 (7), Торус СЦБТ 13 (7), Лирија 11 (7), Вардар 10 (7), АБА Струмица 10 (8), Куманово 9 (7), Кожув 8 (7), Работнички 7 (7).
|