20.11.2011, 12:13 Германски фудбалски судија се обиде да се самоубие
Бабак Рафати (41) беше пронајден во хотел со пресечени вени што беше причина за одложување на мечот Келн - Мајнц 05
Бабак Рафати, 41 годишен главен германски судија со шестгодишно искуство во Бундеслигата, се обидел да изврши самоубиство што според наводите во медиумите беше главната причина за одложување на саботната пресметка меѓу екипите на Келн и Мајнц 05 на нашиот Николче Новески. Билд пишува дека во саботата тој бил пронајден во хотел во Келн со пресечени вени, вест што ја шокира целата фудбалската јавност во земјата.
"Судијата не дојде на натпреварот, а ние како организатори не успеавме да најдеме замена за така кус период", изјави Тобијас Шмит, портпарол на Келн, во официјалното соопштение за медиумите.
Судијата со иранско потекло има репутација како еден од најлошите фудбалски судии во Германија. Дури трипати беше прогласуван како таков по завршување на сезоната од играчите во првата и втората Бундеслига во традиционалните анкети на спортскиот магазин Кикер.
На фудбалски план дербито на колото и' припадна на Борусија Дортмунд. Шампионот славеше на "Алианц арена" против Баерн Минхен со 1:0 со погодокот на Марио Геце во 65 минута. Со оваа победа "милионерите" ја намалија негативата во однос на Баварците на врвот на табелата на само два бода. Најубедливи беа играчите на Борусија Менхенгладбах кои го декласираа Вердер со 5:0. Хет-трик во мечот постигна Ројс во 23 минута, во 38 минута и во 51, во листата на стрелци се впишаа уште Херман во 16 минута и Аранго во 53 минута.
Бундеслига, 13. коло
Резултати: Баерн Минхен - Борусија Дортмунд 0:1, Шалке 04 - Нирнберг 4:0, Волфсбург - Хановер 96 4:1, Борусија Менхенгладбах - Вердер 5:0, Фрајбург - Херта 2:2, Кајзерслаутерн - Баер Леверкузен 0:2. Вчера играа: Штутгарт - Аугсбург, Хамбургер - Хофенхајм. Мечот меѓу Келн и Мајнц 05 е одложен.
Табела: Баерн Минхен 28, Борусија Дортмунд 26, Борусија Менхенгладбах 26, Шалке 04 25, Вердер 23, Баер Леверкузен 21, Хановер 96 19, Штутгарт 18 (-1), Хофенхајм 17 (-1), Херта 17, Келн 16 (-1), Волфсбург 16, Кајзерслаутерн 13, Мајнц 05 12 (-1), Нирнберг 12, Фрајбург 11, Хамбургер 10 (-1), Аугсбург 8 (-1).
|