21.11.2011, 13:26 Федерер и Надал успешни на стартот во Лондон
Швајцарецот го победи Цонга во три сета, колку што му требаа и на Шпанецот против Фиш.
Рафаел Надал беше принуден од Марди Фиш да го даде својот максимум на отворањето на „АТП ворлд тур фајналс“ во Лондон пред да му се придружи на лутиот ривал Роже Федерер на врвот во групата Б. На Шпанецот, кому ова му беше прв меч по едномесечната пауза, му беа потребни речиси три часа и трк до тоалетот поради стомачни тегоби за да го скрши отпорот на американскиот дебитант на турнирот, добивајќи го полноќниот трилер со 6-2, 3-6, 7-6.
Федерер, пак, го отвори завршниот тениски турнир во сезоната, кој трет пат од предвидените пет години се одржува во арената „О2“, со победа над Французинот Жо-Вилфрид Цонга. Но, и тој се изнамачи за победата од 6-2, 2-6, 6-4 во мечот од час и половина, кој го обележаа силните удари од двете страни. Откако го доби првиот сет за само 21 минута, Федерер, кој атакува на рекордниот шести триумф во својот десетти настап на престижниот турнир, го загуби ритамот и Цонга се закани со реприза на победата над швајцарскиот мајстор во четврт-финалето на годинашниот Вимблдон. Тогаш Французинот се врати од негатива од два сета, но овој пат не успеа да го комплетира враќањето во мечот, потклекнувајќи во десеттиот гем од решавачкиот сет, за очигледно олеснување на Федерер.
„Секогаш не ви е се под контрола кога играте со Жо“, изјави четвртиот светски рекет, кој од својата ложа ја имаше поддршката и од францускиот фудбалски ас Тиери Анри. „Денеска ми се јавуваа ’флешови‘ од мечот на Вимблдон, бидејќи извесно време немав многу шанси на негов сервис. Откако му тргна во вториот сет, се подослободи и стана навистина опасен. Се обидував само да останам смирен и ја чекав мојата шанса. Видовме подеми и падови на обајцата и токму поради тоа сум доста среќен што победив“.
|