23.11.2011, 15:09 „Три“ ги откупи правата за биографијата на Стив Џобс
Една од најпродаваните книги во светот, на авторот Волтер Ајзексон, за македонските читатели ќе биде достапна во јануари.
Издавачкиот центар „Три“ ги откупи правата за издавање на една од најпродаваните авторизирани биографии во последните неколку години во светот, приказната за големиот визионер и еден од основачите на компанијата „Епл“, Стив Џобс. Книгата на авторот Волтер Ајзексон, некогашниот уредник на „Тајм“ и на Си-Ен-Ен, за македонските читатели ќе биде достапна во јануари, во превод на Николина и Јасмина Утковски. Како што велат од „Три“, покрај промоцијата, ќе бидат организирани и неколку други придружни разновидни настани врзани за делото на големиот Џобс.
И хрватските читатели секој ден со нетрпение ја очекуваат биографијата за Стив Џобс, која треба да излезе во издание на дневниот весник „Јутарњи лист“. Ова е една од најисчекуваните, но и најпродаваните авторизирани биографии во последните неколку децении, велат светските издавачи. Во САД беше објавена во октомври во издание на „Simon и Schuster“, само три недели по смртта на Џобс, кој почина во 56. година по долгогодишна борба со ракот.
Биографијата за Џобс е направена врз основа на 40 интервјуа од кои Ајзексон последното го направил во август, кога Џобс го напушти раководното место во „Епл“. Само за седум дена во САД е продадена во 379 илјади примероци, во Велика Британија за пет дена во 37 илјади примероци, во Кина, пак, која се појави на крајот на октомври, од полиците на книжарниците исчезнаа само неколку часа по лансирањето, а книгата предизвика огромно интересирање и во Франција. Нејзиното електронско издание, пак, е даунлодирано илјадници пати, сите големи американски телевизии веќе направија или се' уште снимаат документарни филмови по книгата, а „Сони“ ги откупи правата за екранизација за голема, но непозната сума.
Стив Џобс имал комплицирана семејна историја. Роден е во 1955 година во вонбрачна врска меѓу двајца студенти кои го дале на посвојување, иако тие подоцна се венчале и добиле ќерка, познатата писателка Мона Симпсон. Стив го посвоиле Пол и Клара Џобс, припадници на работничка класа во Сан Франциско, кои подоцна посвоиле и девојче. Во 1986 година, Стив ќе ја запознае својата биолошка сестра, потоа и мајката, додека со таткото не сакал да воспостави контакт, бидејќи, како што велел, слушал лоши работи за него. Ајзаксон сметал дека чувството на напуштеност од таткото Стив Џобс го надоместувал со кариерата. Но, Џобс ги одбивал таквите теории, велејќи дека неговите родители се заслужни зашто секогаш се чувствувал посебен. Таа „посебност“ се манифестирала со брзоплет карактер, како и вознемирувачка способност на „ѕверење“ во другите без да трепне. Само еднаш во животот му се врзал јазикот, мигот кога го запознал Боб Дилан, еден од неговите херои.
Книгата на Ајзаксон открива уште многу детали за животот на Џобс, а авторот не го разубавува неговиот карактер, туку отворено пишува за радостите и солзите на овој современ гениј. (Т.И.)
|