25.11.2011, 11:58 Милошоски во набљудувачка мисија на изборите во Египет
Пратеникот и поранешен шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски е дел од набљудувачката мисија на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) што ќе ги следи парламентарните избори во Египет, први по соборување од власт на Хосни Мубарак.
Милошоски е вклучен во тимот на американскиот конгресмен од Калифорнија Дејвид Дреер, во кој волонтерски учествуваат политичари од повеќе европски земји кои се во блиски релации со САД. Мисијата ќе го набљудува изборниот процес во Каиро и во Александрија.
Милошоски истакнува дека нивната мисија е да го оценат демократскиот капацитет на изборниот процес, кој беше сериозно доведен во прашање со повеќедневниот конфликт со трагични последици помеѓу војската и демонстрантите.
- Ќе вршиме изборен мониторинг дали избирачкото право било достапно за сите граѓани и дали постои демократски капацитет да се премости насилството што се случуваше изминатите денови, вели Милошоски кој ќе биде првиот македонски политичар кој патува во мисија во арапска земја по т.н „втора арапска пролет“.
Тој посочува дека според последните информации од македонската и од американ��ката амбасада во Каиро, тензиите полека се смируваат и постои надеж и кај меѓународниот фактор и кај египетската јавност дека изборите може да придонесат да се надмине кризата и да се избегнат натамошни насилства.
Изборите во Египет почнуваат на 28 ноември и ќе се одвиваат во три фази, што треба да завршат во јануари наредната година со конституирање на новиот Парламент.
|