24.11.2011, 13:01 Приватниците на ред за поскапување?
По зголемувањето на превозот во ЈСП и „Слободен превоз“ не ја исклучува можноста наскоро дса вози по нова цена.
Од утре и официјално поскапуваат автобуските билети на ЈСП „Скопје“, а по се' изгледа дека и приватните превозници ќе го следат нивниот пример. Откако Совет на Градот утврди цените за превоз во еден правец да скокнат од 30 на 35 денари, периодов во „Слободен превоз“ се дискутирало и се разгледувала можноста оваа мерка да се воведе и за нивните возила. Но, тие се уште немаат донесено конкретна одлука. Од таму велат дека им треба дополнително време да седнат и да ги направат потребните пресметки на оваа тема, но, воопшто не ја исклучуваат можноста бело-црвените возила да сообраќаат со нова цена.
„Планиравме во наредниве денови да имаме нов состанок, но, сепак, поради потребните анализи и дискусии го одложивме за наредната недела. Се размислува и разговара на таа тема, но моментално не сме подготвени да донесеме некаква одлука додека не ги согледаме сите аспекти од превозот“, вели директорот на „Слободен превоз“, Ленин Јовановски.
Тој објаснува дека високите цени на нафтата и потрошните материјали не би биле пресудниот фактор за евентуалното поскапување, туку оти треба да размислат и за демотивацијата на граѓаните да ги користат нивните услуги доколку ги поскапат автобуските билети. (Б.Ш.)
|