24.11.2011, 14:55 Богов: Догодина раст на БДП од 3 отсто
До крајот на годинава остануваат непроменети проекциите за растот на реалниот БДП од околу 3,5 отсто, инфлацијата ќе забави и се очекува да изнесува 3,9 проценти наспроти претходно предвидените 4,5, а дефицитот во тековната сметка се проценува на 4,8 отсто од БДП.
Ова се најновите согледувања на Народната банка што денеска на прес-конференција ги соопшти гувернерот Димитар Богов.
Според него, во 2012 година се очекува раст на БДП од три отсто, значително забавување на инфлацијата на околу два процента и задржување на дефицитот во тековната сметка на нивото од оваа година.
- Основната каматна стапка останува непроменета, на ниво од 4 отсто, со оглед на очекувањата за задржување на генерално поволниот амбиент за спроведување на монетарната политика до крајот на годинава, како и очекувањата за 2012 година иако со понагласени негативни ризици поради неизвесноста околу должничката криза во еврозоната, напомена Богов.
Ќе нема затегање на монетарната политика, денарот останува стабилен, а кредитниот раст во 2012 година ќе биде помал од оваа година и ќе изнесува 8 отсто.
|