24.11.2011, 13:20 Квалитетното млеко полесно се продава
Најголема гаранција за успех на пазарот е квалитетот, а обезбедување висок квалитет на производите е од примарна важност за сите млекопроизводители. Затоа, потребно е да се инвестира во висококвалитетни суровини уште во почетокот на производствениот процес, беше соопштено на работилницата на тема „Здрав добиток - квалитетно млеко“, во организација на амбасадата на Холандија, а поддржана од Федерацијата на фармери и Сојузот на стопански комори.
„Единствено со свежо и квалитетно млеко добиено од доверливи доставувачи, можеме да бидеме конкурентни на увозното млеко и да го извозуваме домашното на светските пазари, особено во ЕУ “, изјави Златко Најдовски, директор за набавка на суровини во битолската Млекарница.
Процена на млекопроизводителите е дека во Македонија се' помалку се произведува квалитетно млеко и дека државава треба да пронајде правилни алтернативи и јасно дефинирани улоги во процесот на подобрување и интегрирање на млечниот сектор. Македонскиот млечен пазар треба да биде консолидиран и компетитивен, бидејќи во иднина се очекуваат ригорозни контроли на квалитетот. „Во нашата Млекарница континуирано се стремиме кон набавка на свежи и квалитетни суровини, како и технолошка асистенција и инвестирање во технолошки помагала за своите соработници“, истакна Најдовски. (Г.С.)
|