24.11.2011, 15:40 (ФОТО) Алексовски жали за убиството на другарот
Фото: Киро Попов
„Од срце и душа му се извинувам на семејството Чевревски“, ова се зборовите кои Александар Алексовски низ солзи ги кажа денеска пред Судот, каде одговара за убиството на блискиот другар, Михајло Чевревски, летовото покрај браната Козјак.
Алексовски на обвинителната клупа седна заедно со уште двајца свои другари, Александар Костевски и Панче Наумовски кои се обвинети за помагање и прикривање на убиството.
Младиот Михајло Чевревски беше убиен ноќта меѓу 14 и 15 август, во селото Брезница. Според обвинението, Алексовски го застрелал со два куршуми во глава по претходна банална расправија. Телото два дена подоцна го пронајде слуаен минувач. Обвинетите на почетокот меѓусебно се заштитуваа, но подоцна, полициската истрага ги смести на местото на убиството откако таму ги пронајде чашите од кои претходно пиеле алкохол.
„Сакам да се извинам, премногу ми е жал за тоа што се случи, се каам со сета душа и срце, не сум ниту криминалец, не сум ниту убиец. Се би дал да можам да го вратам времето назад затоа што сум свесен дека му наштетив и на семејството на Михајло, но и на моето семејство. Вината цел живот ќе ме прогонува“, рече Алексоски целиот во солзи.
Тој во врска со пукањето тврдеше дека кога го репетирал пиштолот, тој сам пукнал, по што го погодил во челото Михајло. Алексоски рече дека во тој момент се исплашил, му се стемнило пред очите и потоа пиштолот уште еднаш пукнал, а и вториот куршум го погодил Михајло во главата, кој бил на околу 3 метри од него.
|