22.11.2011, 13:14 Харадинај измачувал затвореници
Заштитен сведок со псевдоним „81“ раскажа во хаг за методите на поранешниот командант на ОВК.
Хаг- Заштитениот сведок на хашкото Обвинителство со псевдоним „81“ изјави денеска на судењето на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во Хашкиот трибунал Рамуш Харадинај, дека го видел обвинетиот како измачува затвореници во логорот Јабланица, меѓу кои било и едно српско момче.
Според сведочењето на овој сведок, Харадинај го испитувал српското момче за тоа каде се наоѓаат српските тенкови и пунктови, а потоа незадоволен од одговорите, го удрил неколку пати со тупаници.
„Изгледа дека Харадинај бил изнервиран поради тоа што момчето не му одговарало на прашањата. Таму имаше и двајца Роми, кои на албански го молеле Харадинај да не ги убива. Тој ги прашувал каде се српските позиции, а други ги тепале со безбол палки, а на еден Ром му е отсечено увото, наведе заштитениот сведок.
По овој исказ сведокот побара да се прекине сведочењето и побара пауза. Сведокот кој сведочеше завчера исто така побара пауза, а потоа не се појави во судницата.
Заштитениот сведок „81“, кој сведочи на српски јазик, изјави дека во 1998 година дошол во штаб��т на ОВК во Јабланица, каде бил сведок на тортури врз затворениците во логорот под команда на Лахи Брахимај.
Брахимај, заедно со Харадинај и Идриз Баљај се товарат за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување на Косово во 1998 година.
Судскиот совет на Трибуналот во првостепената постапка ги ослободи Харадинај и Баљај, а го осуди Брахимај на шест години затвор. Жалбениот совет наложи повторување на судењето, по шест од 37 точки на обвинението и тоа е прва повторена постапка во историјата на работењето на Судот во Хаг.
|