23.11.2011, 12:41 (ФОТО) „Нудизам“ на Станковски ја исполни „Мала станица“
Очекувано, сликите на Александар Станковски како магнет ја привлекоа публиката.
Фото: Киро Попов
Синоќа, како и што се очекуваше, Александар Станковски со својата самостојна изложба „Нудизам“ во „Мала станица“ привлече голем број посетители од различни генерации. Мултимедијалниот уметник со потврдено реноме, го презентираше својот најнов циклус од околу 300 дела што ги создавал во изминатите четири години, кои како бројка зачудија многумина.
„Нивното создавање дојде спонтано, како желба да се слика, да се биде со тој медиум. Во изминатите години полека се вклучував во светот кој го знам од малечок, како инспирација и мотив. Делата ги сликав до пред 5-6 месеци, а потоа како течеше „Зеро“ одисејата кон Венеција, се почесто работев на филмот „Шри чаршија“ и престанав да сликам. По завршувањето на овој филм што ќе биде промовиран за две до три недели, продолжив со сликање и цртање“, рече Станковски.
Поетско - документарниот филм „Шри чаршија“, рече тој, не се однесува на учеството на членовите на „Зеро“ на ��одинешното Венециското биенале, бидејќи потсети Станковски, „тие таму и не присуствуваа“, туку на кураторот на нивниот проект „Досие шлепер“, Горанчо Георгиевски. Филмот Александар Станковски го работел заедно со Стефан Шашков и Ненад Трифунов Каранов, а автори на музиката се Александар Пејовски и на „Колони Волвокс“.
„Оваа година ми е навистина непредвидлива. Учеството на Венециското биенале не ми беше предвидено, но сликањето да. Мислев дека нема да се занимавам со филм , но едното го повлече другото“, изјави Алексанадар Станковски по отворањето на изложбата „Нудизам“. На неа тој презентира дела во различни формати, низ кои ги истражувал потсвесните човекови сексуални нагони и искуства визуелизирајќи го интимното и по малку перверзното во секој човек, балансирајќи на границата на еротиката. (К.Б.)
|