14.11.2011, 14:52 Ана ги усреќи Пандеви
Новородената внука најголема радост на мајката на најдобриот македонски фудбалер, Снежана
„Нека е жива и здрава внуката. Голема да порасне“. Вака најблиските и пријателите им го честитаа раѓањето на Ана на родителите на македонската фудбалска ѕвезда Горан Пандев, Снежана и Ристо. Телефонот на бабата Снежана ѕвонеше без престан, а таа со големо задоволство одговараше на повиците. Не ја криеше радоста, иако по соопштувањето на веста дека по втор пат станала баба и' требале неколку часови да се прибере од радост.
„Горан се јави во неделата околу 3 часот наутро. Знаев дека се јавува некој близок. Кога го слушнав гласот на Гоки, се' уште нерасонета, само слушнав: ,,Мамо, Ана се роди. Дојде меѓу нас“. Му честитав и пробав да продолжам да спијам, но не можев. Станав, си подготвив кафе и му се заблогодарив на Господ што во нашето семејство дочекавме женско“, вели Снежана Пандева.
Ана е второ дете на Горан и Надица Пандеви. Породувањето се случи во приватната клиника ,,Вила Бјанка“ во Неапол, Италија. Бебето е тешко 3,3 килограми, а долго 53 сантиметри. И мајката и бебето се чувствуваат добро и веќе утре ќе ја напуштат клиниката и ќе им се придружат на Горан и на синот Филипо, кој се роди пред 19 месеци. Бабата Снежана вели дека радоста по доаѓањето на свет на првото внуче била голема, но сега експлодирала.
|