14.11.2011, 15:23 (ФОТО) Протест на ДПА за употреба на албанскиот во Собрание
Собраниската Комисија за финансирање и буџет која денеска требаше да се расправа за Предлог-буџетот на Република Македонија за 2012 година беше прекината, откако ДПА ја бојкотираше работата поради тоа што во нивните амандамани било избришано името на партијата напишано на албански јазик.
Фото: Петр Стојановски
Координаторот на ДПА Имер Алиу на почетокот на седницата по усвојувањето на дневниот ред во процедурална забелешка побара еден час пауза со цел да му се достави писмено образложение зошто на втората страна од амандманите што ги поднеле е избришано името на партијата напишано на албански јазик.
- Не е едноставно прашање на бришење на една реченица и неколку имиња, туку прашањето е многу посериозно. Се работи за употребата на албанскиот јазик. Ќе ја оневозможиме работата на оваа комисија и ова нека биде пример за оваа и за другите институции дека вака не можеме да функционираме. Ова е пример како се употребува албанскиот јазик во Парламентот. Ова е неприфатливо и инстистирам да добијам одговор, рече Алиу.
Седницата беше прекината до 13 часот, а откако беше доставен писмен одговор од претседателот на Собранието, координаторот на ДПА побара уште половина час пауза со цел да изградат став затоа што, како што рече, одговорот им бил доставен пред пет минути и бил напишан само на македонски јазик.
Новото продолжение на седницата е закажано за во 14 часот.
На Предлог-буџетот за 2012 година се поднесени околу 415 амандмани од кои 143 се на ДПА.
Буџетот за наредната година е проектиран на 169 милијарди денари, приходите се предвидени на 159 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 2,5 проценти од БДП. Растот на БДП е проектиран на 4,5 проценти, а инфлацијата на 2,5 отсто. Предвидено е зголемување на капиталните расходи за 28 отсто, а повеќе пари ќе има за образованието, здравството и инфраструктурата.
|