14.11.2011, 15:37 Меркел: Европа ги преживува најтешките времиња од 1945 година
Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави денеска на конгресот на нејзината конзервативна партија Демохристијанска унија во Лајпциг дека со должничката криза Европа „можеби го преживува најтешкото време по Втората светска војна“.
- Секоја генерација има свој политички предизвик. Сегашната генерација е исправена пред историски тест и треба да се покаже дека Европа може да направи пресврт во оваа финансиска криза, додаде Меркел, која 11 години е лидер на оваа партија.
Пред 1.000 членови на Демохристијанска унија, Меркел, која игра клучна улога во решавање на кризата во еврозоната, го нагласи фактот дека „е дојден моментот за премин кон нова Европа“, бидејќи „ако еврото пропадне, ќе пропадне и Европа“.
- Еврото е повеќе од валута. Тоа е симбол на половина век мир, слобода и социјален просперитет, нагласи германската канцеларка.
|