15.11.2011, 11:56 Петра Квитова тенисерка на годината
Чешката тенисерка во 2011 скокна за 32 места на ВТА-листата, ја освои својата прва гренд-слем титула и и помогна на Чешка да го освои пехарот во Фед-купот.
Победничката на Вимблдон, чешката тенисерка Петра Квитова (21) е прогласена за ВТА-Играч на годината. Таа во 2011 скокна за 32 места на листата на најдобри тенисерки, ја освои својата прва гренд-слем титула и и помогна на Чешка да го освои пехарот во Фед-купот.
Квитова ја заврши сезоната како второрангирана, по освоените шест турнири годинава и билансот од шест победи во сингл во Фед-купот.
„Сезонава, едноставно, беше сон. Неверојатна чест е да се биде Играч на годината, награда со која им се придружувам на некои од најдобрите играчи воопшто, особено Мартина Навратилова“, изјави Квитова по изборот.
Квитова исто така ја доби и наградата за тенисерка што најмногу напредувала на листата, таа за фер-плеј и наградата од навивачите, кои гласале за играч со најголем пробив.
Најдобра двојка се Квета Пешке и Катарина Среботник, а Забине Лисицки доби награда за камбек на годината.
|