14.11.2011, 12:43 Федерер во топ-форма пред Лондон
Со победата над Цонга во финалето во „Берси“, Швајцарецот стана само втор тенисер што ги освоил Мастерсот во Париз и Ролан Гарос.
„Разбудениот“ Роже Федерер го совлада домашниот миленик Жо-Вилфред Цонга со 6-1, 7-6 (3) и ја освои својата прва титула на Мастерсот во Париз, испраќајќи предупредување до ривалите пред завршниот турнир сезонава во Лондон. Третиот носител од Швајцарија, кој сега има само еден трофеј помалку на мастерсите од рекордните 19 на Рафаел Надал, стана само вториот тенисер што триумфирал и на двата турнира во Париз - на Ролан Гарос и во „Берси“.
„Многу сум задоволен од мојата игра“, изјави Федерер, кој ја освои својата 69. титула во 99. финале во кариерата. „Вчудовиден сум од тоа колку добро играм. Не мислам дека Жо одигра лош меч. Добро е да се заврши турнир толку солидно“.
Цонга ги отфрли сугестиите дека бил уморен откако помина речиси три часа на теренот во полуфиналето претходниот ден против Американецот Џон Изнер, признавајќи дека Федерер заслужи да победи.
„Сметам дека тој имаше добар старт и потоа играше порелаксирано. Му беше полесно“, изјави Цонга. „Денеска се чувствував добро, но Роже, едноставно, беше подобар од мене. Цела недела не играв баш најдобро, тоа не беше мојот најдобар тенис. Денеска бев подобар, но против играч како Роже тоа секако дека не е доволно“.
Федерер имаше сезона под неговото ниво, во која освојувачот на 16 Гренд-слем титули имаше освоено само еден турнир до ноември. Тој сега има серија од 12 победи по триумфот во Базел минатата седмица и двата добиени меча во Дејвис купот во септември, токму навреме пред „АТП ворлд тур фајналс“ од 20 до 27 ноември во лондонската арена „О2“.
Федерер се соочи со можноста прв пат по 2001 година да не освои ниеден Гренд-слем или Мастерс во сезоната. Неговата сконцентрираност и упорност наспроти мрморењето на Цонга, како и остриот прв сервис на поранешниот светски рекет број еден се покажаа премногу за шестиот носител, па Федерер му се придружи на Андре Агаси, кој единствен пред него ги имаше освоено двата турнира во Париз.
Против Цонга, кој својата единствена Мастерс-титула во „Берси“ ја освои во 2008 година, Швајцарецот по 86 минути игра ја забележа четвртата победа во шестиот меѓусебен дуел сезонава.
|