15.11.2011, 16:27 Подостапни уште 70 лекови
Аптеките не смеат да враќаат пациенти со рецепти кои се со препорака од субспецијалист.
За веќе утврдена болест, матичниот лекар ќе може да препише лек за жолчката (урсофалк), антиинфламаторен лек (сулфасалазин), за гинеколошки проблеми (ерготил), „омезол“ или „ланзул“ за желудник, две креми за дерматолошка употреба, еден ревматик „ибупрофен“ и антиасматикот „вентолин“. Ова е дел од најновото олеснување во препишувањето лекови од позитивната листа, кое стартуваше од вчера. Со тоа на пациентите ќе им станат подостапни околу 70 лекови.
Пациентите со епилепсија и со алцхајмерова болест таблетите „кепра“ и „јаснал“ кои не можеле да ги добијат во болница бидејќи најчесто ги немало, сега ќе може да си ги земат од аптека и тоа на рецепт што ќе им го препише матичниот лекар. Но, се заострува издавањето на „морфинот“ кој не смее да се дава без препорака од специјалист. Кај 12 лека се проширува листата на болести кои може да ги лекуваат како антиаритмици „пропафенон“, 4 лека за притисок и ангина пекторис како „бисопролол“ и „карведилол“ и 6 антибиотици. На аптеките им е укажано дека не смеат да враќаат пациенти со рецепти кои се со препорака од субспецијалист, како на пример од кардиохирургот за „бисопрололот“.
Сите овие олеснувања доаѓаат по реакциите на пациентите и бројните рефундации за купените лекови кои беа последица на заострениот режим на препишување на лекови воведен пред околу три години. Лековите кои може да ги препишуваат матичните лекари не се надвор од месечната квота од 550 денари по пациент. И покрај ова директорката Маја Змејкова Парнарџива уверува дека лекарите немаат ограничување и мора да препишуваат лекови ако му се потребни на болниот. Во спротивно, на пациентите им се порачува да се обратат во Фондот. Од 1.800 лекари само 10 лекари се казнети за пречекорено препипување лекови. (Ј.Ј.)
|