15.11.2011, 12:54 Металург го доби Лајпциг
Женскиот ракометен првак на Македонија гостин во првиот меч од осминафиналето во КПК.
Металург ќе има исклучително тешка задача во осминафиналето на женскиот ракометен Куп на куп-победниците, во кое за ривал го доби Лајпциг. Бундеслигашот ќе биде домаќин на првиот натпревар што треба да се одигра на 4/5 февруари 2012 година, а реваншот е на 11/12 февруари во Скопје.
„Добивме силен противник, но во оваа фаза и нема лесни. Лично, го посакував Бјосен, со кој имаме нерасчистени сметки“, изјави тренерот на македонскиот првак Крсто Петрушевски. „Ќе го анализираме противникот и ќе се обидеме да дојдеме до информации што ќе ни помогнат во подготовките. Има време, а наше е да го искористиме правилно“.
Лајпциг е рекордер со 21 титула шампион на Германија, последната ја освои минатата година, има и седум трофеи од германскиот Куп, како и две титули европски првак (1966 и 1974) и уште три вицешампионски почести на стариот континент! (Р.Д.)
Гевгелија со Флери во Челинџ Куп
Ракометарките на Гевгелија ќе играат со францускиот претставник Флери Лоаре во осминафиналето на Челинџ купот и, според ждрепката, треба да гостуваат во првата средба. Како носителки, гевгеличанки го прескокнаа третото коло, а Французинките го елиминираа Исланд, декласирајќи го со 39:22 и со 46:18 во двомечот во Орлеан.
|