16.11.2011, 15:29 Потпишана програма за културна соработка со Кина
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на првата официјална посета на Народна Република Кина, денеска, во Пекинг, се сретна со кинескиот министер за култура и за спорт Чаи Ву.
На средбата, во присуство на македонскиот амбасадор Оливер Шамбевски, се реафирмирани добрите културни врски меѓу двете земји и се истакнати заедничките заложби за интензивирање на истите. Двајцата министри ја потпишале Програмата за културна соработка меѓу двете земји, за периодот 2012-2017 година
Посетата на Пекинг е прва официјална посета на македонски министер за култура на Кина, во рамките на која Министерката Канчевска-Милеска, меѓудругото, реализирала и средба со директорот на Државната администрација за радио, филм и за телевизија, Џанг Пи Минг. На средбата било побарано во рамките на Кинеското интернационално радио да биде отворено радио на македонски јазик, а договорена е биенална размена на македонски и на кинески филмови од двете земји.
Во Пекинг, денеска, во рамките на манифестацијата „Македонскиот фолклор во Кина“, која по првпат се организира во оваа земја, е отворена изложбата „Македонски фолклор“ на ликовната уметница Гордана Вренцоска, а утре во концертната сала „Century“ ќе одржи концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, кој ќе настапи и во туристичкиот град Далијан. (К.Р.)
|