18.11.2011, 15:43 Како навистина умре Натали Вуд
Полицијата од ЛА повторно ја отвора истрагата за смртта на славната актерка.
Полицијата во САД повторно отвори истрага за смртта на филмската ѕвезда Натали Вуд, која се удави во 1981 година. Полицијата од Лос Анџелес соопшти дека примила нови информации во врска со случајот, но не наведе детали.
Вуд беше пронајдена мртва при патување со брод на брегот на Калифорнија, а нејзината смрт во тоа време беше прогласена за несреќен случај. Таа имаше 43 години. Вуд, најмногу позната по нејзините улоги во „Приказна од Западната страна“ и „Бунтовник без причина“, беше номинирана за „оскар“ три пати. Таа беше добитник на бројни други награди.
Ноќта пред смртта, Вуд беше на забава со нејзиниот сопруг, ТВ-ѕвездата Роберт Вагнер, и актерот Кристофер Вокен, а иследникот пресуди дека таа пиела и можеби се лизнала обидувајќи се да се качи на бродот.
На вчерашната конференција за печатот се очекуваше да бидат објавени повеќе информации што доведоа до повторно отворање на случајот.
„Неодамна, иследниците на шерифот за убиства беа контактирани од лица кои тврдеа дека имаат дополнителни информации за давењето на Натали Вуд Вагнер“, соопшти Одделот на шерифот на окру��от Лос Анџелес. „Поради дополнителните информации Бирото на шерифот за убиства реши одново да го разгледа случајот“.
Телото на Вуд беше пронајдено во еден залив на островот Каталина. Според полициските извештаи, таа била пронајдена облечена во долга ноќница, чорапи и палто. Во обдукцискиот извештај беше наведено дека Вуд имала модринки на телото и рацете, како и гребнатина на левиот образ. Но, прашањата за точните околности за нејзината смрт продолжија 30 години. Членовите на семејството претходно бараа властите повторно да ги испитаат оригиналните заклучоци.
Вуд беше дете на руски имигранти во Сан Франциско, со оригинално име Наталија Николаевна Захаренко. Како дете, таа настапи во филмовите „Чудо на 34. улица“ и „Духот и г-ѓа Мјур“. Беше номинирана за „оскар“ за најдобра споредна улога во „Бунтовник без причина“, и за најдобра женска улога во „Сјај во трева“ и „Љубов со вистински странец“. Таа никогаш не доби „Оскар“. (Би-Би-Си)
|