18.11.2011, 12:47 Викендов две претстави на Скопје танцов театар
Танцовиот театар Скопје, предводен од уметничкиот директор Рисима Рисимкин, викендов ќе изведе две претстави од својот најнов репертоар.
Утре на малата сцена во Македонска опера и балет во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Импулс“ во кореографија на јапонскиот уметник, Кацура Кан.
Претставата е презентација на Буто работилницата која кореографот Кан ја креираше во изминатите три недели со студентите на Скопје Танц Академијата, програма која е поддржана од амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Во претставата учествуваат: Андријана Атанасова, Љупчо Атанасов, Матеа Киселичка, Татијана Адам, Валентино Апостолов и Адријана Данчевска. Костимите се на Благој Мицевски, а асистент репетитор е Ирена Лозинска.
В недела, пак, повторно на малата сцена во МОБ во 20 часот, ќе се изведе претставата „Меѓусвет“ која е прва продукција на Скопје танцовиот театар, а беше изведена на годинашниот фестивал „Танц фест“. Таа беше изведена и во Хрватска во јули, а на 24 ноември ќе гостува на сцената на БИТЕФ театарот во Белград.
Претставата е во режија и кореографија на Рисима Рисимкин, а во неа учествуваат: Матеа Киселичка, Љупчо Атанасов, Андријана Атанасов, Адријана Данчевска, Татијана Адам.
|