18.11.2011, 08:39 Донесен Законот за задолжување кај Дојче Банка и Сити Банка
Со 62 гласа „за“ пратениците синоќа го донесоа Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче Банка и Сити Банка по Договорот за заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка.
Пред гласањето претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на два пати даде по еден час пауза за обезбедување кворум, бидејќи пратениците од опозицијата по расправата одлучија да не учествуваат во гласањето затоа што сметаат дека ова се рекордни задолжувања на Македонија.
Претходно, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески појасни дека со предложеното законско решение Македонија ќе добие заем од 130 милиони евра по поволни услови, со рок на отплата од пет години, еднократно по истекот на петтата година по повлекување на средства и фиксна каматна стапка која во денешни услови изнесува 4,2 проценти. Гаранција за заемот е обезбедена од Светска банка.
Средствата ќе бидат потрошени за буџетски потреби и за капитални инвестиции и за ликвидноста на економијата.
- Македонија ги трпи последиците од она што се случува во Европа. Приливот ��а средства во буџетот по сите основи се соочува со извесни ризици имајќи предвид дека е проектиран на економски раст кој не предвидуваше вакви околности во европската економија. Тоа подразбира од сите носители на економската политика внимателно водење на економската политика и придржување до фискалните параметри што се усвоени од страна на Собранието, истакна Ставрески.
Тој образложи дека се работи за извонредно поволен кредит по исклучително поволна каматна стапка кој е добиен од две реномирани банки. Нагласи дека станува збор за инструмент што им се дава на земји во кои Светска банка има доверба и кои имаат ниско ниво на задолженост и добри макроекономски политики. Појасни дека се одлучиле 35-те милиони долари од Светска банка да ги искористат како гаранција за да обезбедат 130 милиони евра под исклучително поволни услови, наместо да користат директна буџетска поддршка од 35 милиони долари.
Според Ставрески, каматната стапка е најповолна и убедливо најдобра што Македонија ја има добиено во изминатите 10 години.
- Тоа е направено врз основа на гаранцијата на Светска банка и квалитетот на економските политики на Република Македонија кои беа потврдени во извештајот на Дуинг бизнис, но и од страна на рејтинг агенциите - рече Ставрески.
По гласањето Вељаноски ја прекина 13-та собраниска седница на чиј дневен ред се и Предлог законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите, и двата по скратена постапка.
|