17.11.2011, 10:01 Дваесет години од донесувањето на Уставот на РМ
Уставот на РМ е највисок правен акт во земјата. Донесен е на 17 ноември 1991 година со 93 гласа и досега има претрпено некoлку амандмански промени.
Дваесет години од донесувањето на првиот Устав на независна, суверена и самостојна Република Македонија ќе бидат одбележани со седница што ќе се одржи денеска напладне во Собранието и на која ќе се обрати претседателот на законодавниот дом Трајко Вељаноски.
Уставот на РМ е највисок правен акт во земјата. Донесен е на 17 ноември 1991 година со 93 гласа и досега има претрпено некoлку амандмански промени.
Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски.
Професорот Поповски во изјава за МИА истакна дека Уставот на Република Македонија одигра многу важна улога во конституирање на независноста и сувереноста бидејќи после неговото донесување беше можно барање за признавање на земјата.
- Без Устав немаме и конституција. Тој Устав беше оценет како модерен и демократски и дека во него постојат никкави пречки за непризнавање на Република Македонија - изјавата на Бадентеровата комисија. Третото - беше релативно кратко освен он��ј од 1946 година и двата уставни се најслични, со многу прецизен правен јазик и израз и номотехнички така и во правна смисла, кој што одолева на многу желби за негова измена и вклучување на разни интереси, оправдани или неоправдани, вели Поповски.
Факт е, посочува, дека Уставот слави дваесетгодишнина и оти ниеден Устав во Македонија не траел дваесет години.
- Тој од 1946 година беше комплетно сменет во 1963 година, кој, пак, беше сменет со комплетно нов Устав во 1974 година. Овој постои дваесет години и претпоставувам дека ќе постои и понатаму, што е добар уставен темел за развој и надоградување на правниот и политичкиот систем ,вели професорот Владо Поповски.
Претседателот на Собранието Вељаноски во изјава за МИА оценува дека Уставот што го донесе првиот повеќепартиски парламентарен состав пред 20 години, на 17 ноември 1991 година, по својата содржина ги следи современите демократски придобивки и принципи, а во исто време го изразува историскиот континуитет на стремежот на македонскиот народ и на сите граѓани за создавање и афирмација на македонската држава.
- Уставот гледано од историски аспект преставува завршен чин на еден историски процес започнат со Манифестот на Крушевската Република нашиот прв Илинден, како и одлуките на АСНОМ односно вториот Илинден, додава Вељаноски.
Уставот на Република Македонија е составен од преамбула и членови. Членовите на Уставот се поделени во неколку глави. Првата глава е посветена на основните одредби, втората на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, третата на организацијата на државната власт, четвртата на Уставниот суд, петата глава се однесува на локалната самоуправа, шестата на меѓународните односи, седмата на одбраната на Републиката војна и вонредна состојба осмата се однесува на измените на Уставот и деветата глава се преодните и завршни одредби.
Темелните вредености на уставниот поредок на РМ се дефинирани во членот 8 став 1 од Уставот и тоа се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, слободното изразување на националната припадност, sоодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, владеењето на правото поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот социјалната правда и солидарноста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Граѓаните на РМ на референдумот одржан на 8 септември 1991 година ја изразија својата волја и го дадоа својот глас земјата да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија што уставно-правно се заокружи со донесувањето на Уставот на земјата на 17 ноември 1991 година.
|