18.11.2011, 15:38 „Метрудхем“ се огласи, ама не се согласи
Сопствениците на Топилница сакаат да преговараат со Владата, ама не кажуваат дали прифаќаат дисколација
Фото: Киро Попов
Компанијата „Метрудхем“ денеска соопшти дека ја разбира препораката на премиерот Никола Груевски и ја поддржува иницијативата за изнаоѓање на решение во врска со велешката Топилница, без притоа јасно да прецизира дали ќе се согласи со дислокација на загадувачот. Портпаролот на компанијата Александар Билбилов не сакаше да прецизира дали во разговорите со Владата ќе настапат со свои предлози за нова локација, или дали имаат дополнтелни услови за да прифатат таква опција, доколку предлогот за ново место за изградба на Топилница дојде од Владата. Тој не одговори ниту, пак, дали во разговорите ќе настојуваат да ја одбранат постојната локација со аргументите дека ќе користат најнова технологија. Билбилов, откако го исчита кусото соопштение составено во многу завиена форма, на барањето на медиумите за малку појасни формулации, на јавноста и препорача да чита меѓу редови и да толкува како што сака.
Билбилов нагласи дека „Метрудхем“ ја продолжува постапката за изготвување на Студијата за влијание врз животната средина, а на забелешката зо��то продолжуваат да работат на документ врзан за локацијата во Велес, доколку се подготвени да преговараат за нова, Билбилов немаше прецизен одговор. Тој не коментираше ниту за иницијативата на општина Велес за измени на ГУП со кој ќе се пренамени локацијата на Топилницата за лесна и незагадувачка индустрија, со забелешка дека за тоа ќе размислуваат откако ќе се случи. (С.Н.)
|