18.11.2011, 14:01 Блатер жали за несреќно избраните зборови околу расизмот
Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер, јавно се извини денеска за неговите контроверзни коментари околу расизмот во фудбалот, но ја отфрли можноста, поради тоа, да поденесе оставка.
Во интервју за Би-Би-Си, Блатер рече дека „жали за несреќно избраните зборови“, околу расизмот на фудбалските терени и им се извини „на сите кои се најдоа погодени.
Извинувањето на Блатер доаѓа по реакциите во Англија на претходно дадена изјава за Си-Ен-Ен дека „нема расизам во фудбалот“ и сугерираше инцидентите меѓу фудбалерите, на расна основа, да се решаваат на крајот од мечот, со нивно меѓусебно ракување. Оваа изјава на првиот човек на „куќата на фудбалот“ во Цирих, предизвика бурно негодување во англиската фудбалска јавност и остри коментари во лондонските медиуми, како и барања за негова оставка.
Претседателот на Асоцијацијата на англиските професионални фудбалери Гордон Тејлор рече дека после овој „најнов гаф“ на Блатер и по сите обвинувања за постоењето на корупција во ФИФА, тој не може повеќе да остане на својата функција. Неколкумина англиски фудбалери црнци и странци кои сега играат во англиската премиер лига, остро ја критикуваа изјавата на Блатер, барајќи строго казнување на секој излив на расизам на теренот.
Капитенот на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд ги нарече коментарите на Блатер за Си-Ен-Ен, „смешни“, додека Дејвид Бекам смета дека изјавата на првиот човек на светскиот фудбал се „стравични“.
Блатер во интервјуто за Би-Би-Си вели дека тој не е расист и дека целата своја кариера и сета своја активност ја има посветено на борбата против расизмот, па затоа и жали што зборовите што тој ги имаше претходно употребено.
- Немало и нема да има никаква толеранција кон расизмот на фудбалските терени, рече за Би-Би-Си, Сеп Блатер.
|