11.11.2011, 13:08 Лов на второто место во Абу Даби
Четворица в недела ќе атакуваат на бодови за титулата вицешампион во Формула 1.
Откако Себастијан Фетел и Ред бул и теоретски ги одбранија титулите, до крајот на сезоната во Формула 1 остана уште битката за вицешампионските почести. Во претпоследната трка годинава, која ќе се вози в недела во Абу Даби, четворица возачи влегуваат со амбиции за освојување на утешната награда. Најблиску до неа е Џенсон Батон од Мекларен, кој е втор во вкупниот поредок со 240 поени, а другите тројца претенденти се Фернандо Алонсо од Ферари со 227, Марк Вебер од Ред бул со 221 и Луис Хамилтон од Мекларен со 202. Фетел е недостижен на врвот со 374 бода.
„Убаво е да се знае дека, ако завршам втор, ќе го победам Ред бул (Вебер), што е добро“, вели Батон. „Себастијан заврши неверојатна работа годинава, но тој има и тимски колега, а да се победи момче од Ред бул секогаш е големо нешто. А кога е и Алонсо во форма со својот болид, извонредно е да се победи бидејќи тој е супербрз. На крајот, тука е и мојот тимски колега Хамилтон, кој е неверојатно брз. Според тоа, да, би било прекрасно да се заврши пред нив во шампионатот“.
И Алонсо не би имал ништо против да биде втор во првенството, но Шпанецот повеќе би ��акал да ја забележи својата втора победа сезонава.
„Дојдовме до крајот на шампионатот и преостанува уште борбата за второто место, но, да бидам искрен, јас би бил многу посреќен ако успееме да додадеме уште една победа на таа од Силверстоун во јули“, изјави возачот на Ферари. „Од разговорите со момчињата во тимот можам да забележам дека тие навистина би сакале да ми дадат шанса да забршам втор на табелата. Но, знаете како сме скроени ние возачите: секогаш сакаме да бидеме први и другите места се помалку важни“.
Завесата на годинашната сезона во Формула 1 ќе биде спуштена на 27 ноември во Бразил.
|