13.11.2011, 11:38 Скопје го одбележува Денот на ослободувањето
Денот на ослободувањето на Град Скопје - 13 ноември денеска ќе биде одбележан со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации.
По тој повод во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе бидат врачени наградите на годинашните добитници на наградата - 13 Ноември, а свеченоста ќе биде збогатена со изложба на уметнички слики од меѓународната ликовна колонија „Скопје 2011“.
Од областа на науката годинава наградата 13 Ноември му припадна на д-р Никита Шекутковски, проф. д-р Љубинка Басотова е добитник на наградата во категоријата образование и воспитување, Бојку Фејзи и Димитар Масевски во областа на уметноста, Борис Поп Ѓорчев во публицистиката, Бошко Заборски во категоријата спорт, Александар Јаневски - за хуманитарна активност, Мичо Поповски во стопанството. Кај правните лица наградата ја доби Здружението „Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-Свест“, а пак Иван Антоновски, Таско Смилески и Александар Степановски се годинашните ученици и студенти, добитници на 13. Ноемвриската награда.
Во рамки на одбележувањето на 13. Ноември, утрово градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски се с��етна со дваесетина претставници на борците кои во 1944 година учествувале во акцијата за ослободување на градот.
На средбата, градоначалникот Трајановски изрази почит и благодарност за нивниот придонес за ослободување на Скопје.
- Навистина ми е задоволство што традиционално, секоја година, се среќавам со вас. Ние сме во постојан контакт и сметам дека нашата соработка е континуирано добра. Секоја година на празникот на нашиот град се среќаваме и евоцираме спомени, но историјата и сегашноста треба да градат темели за иднината, затоа ние како ваши наследници треба да правиме дела што ќе остават белег за идните генерации, како што вие ни оставивте нам аманет да го градиме и развиваме ова наше денешно Скопје. Нека ни е честит празникот 13 Ноември-Денот на ослободување на Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.
Борците ослободители на Скопје и Трајановски истакнаа дека ваквите средби се можност да се евоцираат спомени, но и да се договорат конкретни чекори за зачувување на тие спомени.
|