14.11.2011, 12:26 Бесими: Буџетот за одбраната во 2012 поголем за 9 отсто
Во отчетот за сработеното во претходните 100 дена, министерот Бесими истакна дека со уште поголем интензитет и подготвеност ќе продолжат со остварување на стратешките цели на РМ во одбраната и безбедноста
Евроатлантските интеграции се најдобрата алтернатива за иднината на Република Македонија и Балканот, а членството во НАТО и во ЕУ се наш стратешки приоритет, потенцира министерот за одбрана Фатмир Бесими, по денешната средба со акредитираните воени аташеа во земјава, на која ги информирал за досегашните и за идните работни планови во одбраната и во Армијата.
Во отчетот за сработеното во претходните 100 дена, министерот Бесими истакна дека со уште поголем интензитет и подготвеност ќе продолжат со остварување на стратешките цели на Република Макеоднија во одбраната и безбедноста.
- Македонија препознатлива по својот придонес за глобалниот мир, како партнер за стабилнсота и подготвена за НАТО, рече министерот Бесими, најавувајќи интензивни средби, посети и соработка на меѓуанродно ниво пред самитот на Алијансата што треба да се одржи во Чикаго во мај 2012 година.
Во рамки на стратешкото планирање и развој, меѓу другото посочи на среднорочната програма за развој на одбраната 2011-2015 и на Годишната национална програма за членство во НАТО 2011-2012.
Бесими најави зголемување на буџетот за одбрана во 2012 година односно се планира да биде 1,3 проценти од БДП односно зголемување од 9 отсто споредбено со ланскиот буџет, со што се прекинува трендот на намалување на буџетот во одбраната.
Ова зголемување, подвлече министерот за одбрана, че бидат наменети за создавање модерна и високо професионална војска, за учество во мировните мисии, како и за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ. До крајот на декември, според него, 1.200 од новите униформи за армијата, ќе бидат готови и испорачани за војниците кои ќе одат на мировна мисија во Авганистан, како и четири вида гардиски униформи.
Министерот Бесими ја потврди и одлуката за отворање позиција воен аташе на Република Македонија во НР Кина.
Во отчетот пред новинарите, Бесими го најави и проектот „паметна одбрана“ што значи план за рационализација на трошоците, подобро планирање и регионална соработка за модернизација на армијата согласно стандардите на НАТО. Ќе се реализираат и проектите „АРМ мој вистински дом“ „Лепеза“ кој се однесува за продолжување на цивилната кариера по завршување на воената служба.
Во сработеното во изминатите 100 дена, министерот Бесими ги спомена позитивната оценка на 12.Акционен план за членство, во Брисел учеството на состанокот на Северно - атлантскиот совет со земјите кои не се членки на НАТО, а учествуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан, регионални конференции, билатералната соработка, редовната комуникација со Советот на воените аташеа за реформите и активностите за членство во Алијансата. Ја спомена и новата ротација со вкупно 172 припадници на АРМ во ИСАФ Авганистан, со задача обезбедување на командата на силите на ИСАФ во Кабул. Во делот на правичната застапеност, информира дека се примени 23 професионални војници од етничките заедници, а во тек е конкурс за нови 53 вработувања на етничките заедници.
|