14.11.2011, 14:37 Брејвик ги призна убиствата, но не се чувствува виновен
Антимуслиманскиот екстремист, Андерс Бериг Брејвик кој летово во Норвешка уби 77 лица, денеска призна дека ги изврши убиствата, но одби да се изјасни за виновен на првото свое јавно појавување пред судот, пренесоа светските агенции.
Процесот против Брејвик се оддржува во судска сала, што се наоѓа на две крстосници од местото каде на 22 јули тој ја активира бомбата и потоа на островот Утоја застрела уште 69 млади приврзеници на Норвешката работничка партија.
Обвинетиот изјави дека овој суд нема надлежност да му суди.
- Јас сум воен командант во Норвешкото движење на отпорот и носител на орден на норвешките рицари темплари, односно јас ги отфрлам компетенциите на овој суд затоа што вие сте добиле мандат од организации кои ја поддржуваат омразената идеологија и затоа што ја поддржуваат мултикултурноста, рече Брејвик.
Освен тоа тој подвлече: „Ги признавам дејанијата, но не сум виновен“.
Во салата на судот имаше група демонстранти, кои истакнаа транспарант со натписот: „Да не им се дава на фашисти да зборуваат“.
Денешното заседание е прва можност за новинарите, преживеаните и роднините на жртвите јавно да ја слушнат изјавата на 32-годишниот Брејвик.
Во салата беа пуштени околу 120 лица, а уште стотици луѓе се туркаа во други простории, каде имаше видеоврска со процесот.
|