14.11.2011, 14:35 Македонските каратисти со два медала од Салцбург
Македонските карате репрезентативци Наташа Илиевска и Мартин Несторовски освоија медали на последниот турнир од „Премиер лигата“ одржан изминатиот викенд во Салцбург, Австрија.
Илиевска успеа да влезе во финалето и да го освои сребрениот медал. Таа до медалот стигна со четири победи и еден пораз. Овој сребрен медал е од огромно значење за нејзиниот пласман на конечната ранг листа на која македонската репрезентативка стигна до светската круна, бидејќи беше прогласена за севкупен победник во новоформираната „Светска Премиер лига“ за категорија - 55 кг.
Постигнатиот резултат на Наташа Илиевска и го донесе и првото место во генералниот пласман за 2011 година.
Македонија во Илиевска доби спортист со титулите најдобар на „Светската ранг листа“; најдобар во најелитната „Светска Премиер Лига“ и „Европски шампион за 2011 год“.
Резултатски успех во турнирите од „Премиер лигата“ направи и каратистот Мартин Насторовски. Тој по освоената бронза во Австрија беше прогласен за најуспешен во лигата во категоријата +84 кг. за 2011 год.
|