15.11.2011, 13:39 Светска банка не' враќаво реалноста - прогнозира раст до 2,5 отсто
Реалниот сектор и најсиромашните граѓани ќе бидат најмногу погодени од кризата, и затоа треба ним да им се помогне, вели Лилија Бурунчук, директорка на СБ за Македонија
Соња Маџовска
Светската банка не' враќа во реалноста. Таа прогнозира дека македонската економија во 2012 година може да порасне до 2,5 отсто, а не до 4,5 проценти како што посакува Владата, и која веќе ги постави своите проекции во буџетот за наредната година, кој деновиве го разгледува Собранието. Според Светска банка, годинава растот на домашниот бруто-производ може да достигне до три проценти. Овие проекции, вчера, пред македонските новинари, преку видеоконференциската врска ги соопшти директорката на Светска банка за Македонија, Лилија Бурунчук, во рамки на презентацијата на новиот редовен економски извештај за Југоисточна Европа, кој во исто време беше презентиран во шест земји. Експертите од СБ неофицијално коментираат дека толку се драматични случувањата во Еврозоната, што се менуваат проекциите на месечно ниво, па така пред еден месец проекцијата била дека догодина економијата ќе порасне за 3,7 отсто, а сега таа е спуштена на 2,5 отсто.
Рон Худ, главен економист на Светска банка за намалување на сиромаштија и економско управување во регионот, предупреди дека постои потреба од фискална внимателност, бидејќи ризиците од Европа ќе се пресликаат и во земјите од ЈИЕ.
„Фискалните резерви се при крај, тие се веќе исцрпени. Мал е просторот за нивно дополнување. Земјите од регионот веќе имаат одобрено средства преку заеми. За блиска иднина финансиите се обезбедени. Но, на долг ќе биде проблем да се обезбедат дополнителни средства. Последните случувања во Европа се доста вознемирувачки“, изјави вчера Худ.
Како најризични земји со висок јавен долг беа посочени Албанија, Србија и Црна Гора. Додека, Македонија и Косово се под црвената линија, кога е во прашање долгот. „Но дали тоа значи дека фискалниот дефицит не е проблем? Ако нема од каде да се финансира, тоа веќе е проблем“, вели Худ.
За Македонија како најголем проблем беше поставена отвореноста на нашата економија кон европските земји, а директорката на СБ за Македонија, Бурунчук, смета дека тоа најмногу ќе се почувствува во реалниот сектор, а најпогодени ќе бидат сиромашните.
„Овој извештај праќа јасна порака дека земјите од регионот треба да бидат подготевни за турбуленциите кои доаѓаат од кризата во Европа. Македонија е многу подобра поради цврстата макроекономска политика водена во изминатива деценија, а тоа е поврзано со ниската ранливост од гледна точка на фискалниот дефицит, финансирањето на јавниот долг и стабилноста на банкарскиот сектор. Меѓутоа, Македонија е една од најотворените економии во споредба со другите пет земји, а тоа ќе значи дека големо ќе биде влијанието врз македонската економија, што и да се случи во Европа. Најсиромашните најмногу ќе бидат погодени од кризата, и економијата, односно реалниот сектор“, изјави вчера Бурунчук. Иако, Светска банка, со гаранцијата што ја даде за новиот заем на Владата од 130 милиони евра кај Сити и Дојче банк, не поставила услови каде да се трошат парите, сепак, Бурунчук, вчера изјави дека очекува тие да влезат во програмите што опфаќаат соочување со ефектите од финансиската криза и помош за најранливите категории. „Се поддржува зајакнувањето на отпорноста на финансискиот сектор, како и мерки кои ќе ја подобрат состојбата на ранливите групи и ќе придонесат за поголема мотивација за влез во формалниот пазар на труд. На пример, се поддржува систем на условени парични трансфери со кој им се даваат вакви парични средства на сиромашните и се поттикнуваат да ги испраќаат своите деца во средните училишта“, рече Бурунчук.
Таа советува дека земјава треба да продолжи со добрите макроекономски политики и политики кои носат фискална стабилност. Но, треба да се посвети внимание и на зголемување на конкурентноста на економијата со тоа што ќе се инвестира во продуктивна инфраструктура, во вештини и во подобрувањето на продуктивноста.
Според експертите на Светска банка, напредокот оди рака под рака со структурни реформи, подобрување на конкурентноста, деловното опкружување, фискални заштеди. Инаку, во редовниот економски извештај на СБ за ЈИЕ, стои дека ефектите од натамошното глобално забавување и пролонгираните неизвесности околу кризата во Еврозоната, ќе влијаат на економиите во земјите на ЈИЕ преку трговијата, надворешните директни инвестиции, странските банки и дознаките.
|