16.11.2011, 14:16 Пукаат шофершајбните на украинските авотбуси
Возачи на ЈСП сведочат дека најмалку триесеттина од новите возила сообраќаат со пукнати стакла.
Дел од новите украински автобуси превезуват патници со искршени шофершајбни. Така барем велат неколку возачи на ЈСП што секојдневно транспортираат граѓани низ централното градско подрачје. Потенцираат дека има најмалку триесеттина автобуси со испукани предни стакла. Тоа им создава проблеми на возачите, бидејќи немаат точен преглед на улиците, а со тоа се оневозможува нормалното и непречено одвивање на сообраќајот.
„Многу лесно се кршат шофершајбните на новите украински автобуси.
Дел од нив така и беа донесени во Македонија, а другите се испокршија по улиците, а особено при нивното миење. Пука стаклото од силните млазеви вода во пералните. Мора постојано да се менуваат, а додека се стават нови, ние се мачиме додека возиме, бидејќи се намалува прегледноста. Па, возиме побавно, доцниме, граѓаните се нервозни, се создава и шпиц по улиците. Се' си влече... А, за смената на стаклата требаат пари“, вели еден возач од ЈСП, што не сакаше да го каже името.
Мишо Николов, директорот на ЈСП „Скопје“ негира дека на украинските автобуси има л��сно кршливи шофершајбни.
„Стаклата се регуларни. Можеби има случаи кога некој несовесен граѓанин напукнал некое стакло со камен или со друг тврд предмет, ние не можеме да предвидиме такви работи, но, во главно, шофершајбните на нашите автобуси се исправни“, вели Николов. (Б.Ш.)
|