18.11.2011, 14:48 (ИНТЕРВЈУ) Важно ми е да работам и во Македонија
„Повеќето мои претстави се работат надвор, но и многу повеќе се гледаат надвор отколку во Македонија“, вели режисерот Мартин Кочовски
Тина Иванова
Смртта на слободниот говор, неспособноста за сон во ова време, препознавањето на конфликтот на слободата, се некои од насоките во претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, што во режија на Мартин Кочовски утре премиерно ќе ја изведе Турскиот театар. Кочовски, еден од најуспешните македонски режисери од поновата генерација, чиишто претстави се постојано наградувани овде, но уште повеќе надвор од земјава каде што и се играат, во ова интервју зборува за слободата, за политиката, за стравот, за преживувањето, односно на теми кои често се толкувани и во неговите театарски проекти:
На прес-конференцијата, по повод утрешната премиера, рековте дека „Сон на летната ноќ“ се занимава со слободата. Како таа да се постигне и кои се последиците од нејзиното извојување, за простор во кој не важат општествените правила и граѓанските обврски. Дали претставата сугерира на некаква анархија, се разбира, во метафорична смисла на зборот?
Да, ��оа претставата всушност и го сугерира. Но, можеби не баш анархија, туку повеќе сугерира едно можно решение. Особено сега, во Македонија добиваме доказ дека граѓанското општество какво што е замислено, не може да постои. Во Македонија тоа е радикален пример. Токму поради систематското уништување на слободите. Не би дискутирал кои се причините на тоа систематско уништување. Но, оваа претстава можеше слободно да биде документарна драма, ако ја имавме храброста сите да се изразиме лично. Документарна драма за ситуацијата во ова општество, особено за се' она што се случуваше оваа година. Немавме доволно храброст тоа да го направиме од гледна точка на јас. Мораше да се скриеме, некој зад текстот, некој зад концептот на режисерот. Но, сепак, претставата на еден, за мене лично мек начин, мек во негативна смисла, нуди едно возможно решение за излез.
Велите дека Шекспировата драма во вашата претстава е модернизирана, дека текстот е освежен, дека контрапунктот во него е градот и дека таа слободно може да се нарече „Сон на летната ноќ во Скопје 2011“. Како битолчанец, како го гледате Скопје сега, со неговите брзи и радикални промени?
Едноставно, не можам да поверувам. Кога го гледав Скопје на телевизија на пример, ми изгледаше неверојатно смешно и парадоксално сето тоа што му се случи. Но, кога ќе се почувствува градот, кога ќе се види директно, тогаш станува збор за многу поголеми димензии. Човек ќе си каже дека лесно ќе биде сето тоа да се реши со динамит, но ова има подлабоки последици. Последици од една таква идеја, кои влегуваат веќе во менталитетот. Несфатливо ми е што сите овие промени се случија за толку кратко време. А, тоа е голема опасност. Со еден збор, мислам дека е одвратно, многу страшно.
(Целосното интервју со Мартин Кочовски ќе може да го прочитате во утрешното печатено и електронско издание на „Утрински весник“)
|