17.11.2011, 12:42 Промоција на „Кино Неимар“ и „Пит кралски“ од Горан Тренчовски
„Кино Неимар“ се есеистички текстови за филмот и за драмските уметности, а „Пит кралски“ е специјално издание на англиски јазик по повод 20 години интермедијално творештво на авторот.
Утре во 12 часот во Кинотеката на Македонија ќе бидат промовирани две нови книги на режисерот Горан Тренчовски, „Кино Неимар“ - есеистички текстови за филмот и за драмските уметности, како и „Пит кралски“ - специјално издание на англиски јазик по повод 20 години интермедијално творештво на авторот.
„Кино Неимар“ е петта книга на Тренчовски која на интересен начин ги опфаќа драмските феномени, заокружувајќи го автопоетичкиот дискурс на авторот, кој својата режисерска пракса ја надополнува со соодветни теориски согледувања.
Додека во „Пит кралски“ се поместени англиски преводи на одбрани текстови од сите претходни книги на Тренчовски: „Од питач до крал“, „Орбис пиктус“, „Поетика на (де)тронизацијата“ и „Парс про тото“, со детален критичко-референтен преглед.
Промоцијата ја организираат Кинотеката на Македонија и книгоиздателството „Македонска реч”, а за творештвото на Тренчовски ќе зборуваат промоторите Гоце Ристовски и Сашко Насев. Фрагменти од „Кино Неимар“ ќе чита актерот Томе Витанов. (С.У.)
|