10.11.2011, 13:24 Почнува 10. фестивал на европски филм „Синедејс“
Со филмот „Во подобар свет“ на Сузан Биер, освојувач на Оскарот во неанглиско говорно подрачје вечер во Градското кино „Милениум“ ќе биде отворен 10. Фестивал на европски филм „Синедејс“, кој до 20 ноември ќе понуди повеќе од 70 филмови.
Филмовите ќе се прикажуваат во сите пет кино сали во Скопје - „Милениум“, „Фросина“, „Рамстор“, Кинотека на Македонија и киното со огромни димензии под отворено небо на плоштадот „Македонија“. Предвидени се повеќе премиери, музички концерти, забави, предавања и работилници.
Во официјалната конкуренција се 12 филмови, селектирани од Бернд Будер. Во оваа конкуренција се филмовите „Црно поле“ на грчкиот режисер Вардас Маринакис, филмот на грузиската режисерка Кети Мачавариани...
Оваа година програмата „Балкан линк“ е преименувана во „Сине Балкан“ и во неа има осум филмови. Во Кинотеката на Македонија, во нововоспоставената програма од оваа година „Земја во фокус“, ќе бидат претставени кинематографиите на Словенија и Грузија, заедно со гости, режисери, актери и официјални претставници...
Програмата „Македонија и Европа“ ги содржи остварувањата на продуцентите и актерите од Македонија, кои соработувале вон границите на Македонија, во Словенија, Турција, Албанија, Италија...
Во рамки на музичката програма, ќе се прикажат осум музички документарни филмови. Согласно нарацијата, ќе може да се слушнат музички групи кои творат во музичкиот правец кој е застапен во филмот. Ќе настапат музички групи од Луксембург, Канада, Грција, Велика Британија... Селектор е Тони Шариќ.
Низ главниот град, повеќе кафулиња и клубови ќе бидат претворени во кино, а филмови ќе може да се гледаат во „Менада“, „Ла Кања“, „ЕМ ЦЕ ЕМ“, „Балет“, „Лаика“.
На фестивалот ќе бидат прикажани краткиот документарен филм „Девојчето со кибритчиња“ на Филип Матевски, играно-документарниот филм на Марко Ѓоковиќ, „Луѓе без земја“. Ќе има и 18 експериментални филмови, од повеќе европски автори, селектирани од нашата уметница Ирена Паскали, кои ќе бидат прикажани во Музејот на современа уметност.
Во Гала вечерта ќе бидат прикажани повеќе филмови - „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален, „Хабемус Папам“ на Нани Морети...
На фестивалот годинава ќе бидат доделени повеќе награди - „Златна ѕвезда“ (за најдобар филм), „Сребрена ѕвезда“ (за најдобар режисер), „Плава ѕвезда“ (за најдобро сценарио) и „Златно сонце“ - награда за најдобар балкански филм. Жирито го сочинуваат режисерот Огнен Цвиличиќ од Хрватска, филмскиот критичар Нил Јанг од Велика Британија и нашиот млад режисер Дарјан Пејовски.
Буџетот на фестивалот е над 100 илјади евра, од кои една петтина се од Град Скопје и од Министерството за култура. Делегацијата на ЕУ помогнала со 600 илјади денари, а останатите средства се од донации.
|