10.11.2011, 12:24 Собранието продолжува со расправа по Законот за пратеници
Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи расправата по Предлог законот за дополнување на Законот за пратеници поднесен од опозицијата.
Се предлага членот 2 од постоечкиот закон да се дополни со став 3 кој гласи: „Извршувањето на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија не смее да биде ограничено со материјална или финансиска гаранција кон политичката партија или коалицијата од чија кандидатска листа е избран пратеникот".
Во вчерашната расправа пратениците од опозицијата истакнаа дека е важно да се прифати предлогот за да се врати самостојноста во одлучувањето на пратениците и да се смени перцепцијата кај народот дека пратениците не одлучуваат самостојно, туку се нечии партиски послушници. За парламентарното мнозинство, предложениот закон е бесмислен, непотребен и е резултат на дневно-политичките потреби на опозицијата. По оваа точка, пратениците ќе дебатираат за Предлог законот за Европски економски интересни заедници, измените на Законот за внатрешни работи, Законот за државјанство на Република Македонија, Законот за оружје, Законот за странци и на Законот за Град Скопје.
На дневен ред на седницата меѓу другото се и Предлогот на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за буџетите, двата по скратена постапка.
|