10.11.2011, 13:06 Црна серија на шахистите
Македонија загуби и од Летонија со 3-1 во седмото коло на ЕП во Грција.
Хет-трик порази на машката шаховска репрезентација на Македонија на 18. Европско првенство во Порто Карас, Грција, што завршува утре. По Унгарија и Исланд, на избраниците на селекторот Драгољуб Јаќимовиќ во седмото коло мерка им зеде и Летонија, од која изгубија со убедливи 3-1. Поразот од ривалот рангиран три места повисоко од стартната 30. позиција на Македонија на турнирот со 38 селекции ги спушти македонските шахисти на 33. место со само четири меч-бода и со 12,5 поени освоени по табли. Шанса за подобрување на пласманот е дуелот со аутсајдерот Луксембург во вечерашното претпоследно коло, а последното ќе се одигра утре два часа порано, односно од 13 ч.
Азербејџан е блиску до одбрана на титулата, бидејќи две кола до крајот единствен има 12 меч-бодови. Третиот носител ја запре извонредната серија на Бугарија, совладувајќи ја со дури 3,5-0,5 (Топалов - Раџабов реми, Чепаринов - Гашимов 0-1, Делчев - Мамедјаров 0-1, Радулски - Шафарли 0-1). (Р.Д.)
Резултати од седмото коло: Бугарија - Ерменија 0,5-3,5, Романија - Германија 1,5-2,5, Франција - Ерменија 1,5-2,5, Унгарија - Словенија 3-1, Холандија - Грција 2,5-1,5, Шпанија - Русија 1-3, Италија - Молдавија 2,5-1,5, Швајцарија - Украина 3-1, Полска - Англија 3-1, Израел - Чешка 1,5-2,5 итн.
Табела: Азербејџан 12 (18,5), Ерменија 11 (18), Германија 11 (17,5), Унгарија 10 (17), Романија 10 (17), Бугарија 10 (15,5), Холандија 10 (15,5) итн.
|