07.11.2011, 14:14 Федерејшн купот за Чешка
Репрезентацијата на Чешка ја освои титулата во Федерејшн купот откако во финалето во Москва славеше над Русија со 3:2.
За чешките тенисерки ова е прв трофеј во натпреварувањето по осамостојувањето од Словачка во 1993 година. Чехословачка, инаку, беше најдобра во Федерејшн купот во 1988 година кога во завршниот меч го порази составот на некогашен СССР.
Драматичното финале беше решено во последниот дуел на двојки. За домашниот тим настапија Марија Кириленко и Елена Веснина, а за чешкиот Квета Пешке и Лусија Храдечка. По водството на Русинките со 4:3 во воведниот сет, комбинацијата од Чешка завладеа на теренот за конечни 6:4, 6:2. Но, прва хероина во финалето беше Петра Квитова, која ги обезбеди двата бода за Чешка во дуелите во поединечна конкуренција.
Трофеите во Федерејшн купот во последните две години ги освојуваа тенисерките од Италија, последен пат Русинките беа најдобри во 2008 година.
|