08.11.2011, 15:48 Ренова прв полуфиналист во Купот
Екипата на Ренова е прв полуфиналист во фудбалскиот куп на Македонија. Во формалниот реванш четвртфинален дуел вчера тимот од Џепчиште го порази Тетекс со 3:2 (во првиот меч славеше со 6:0).
Денеска ќе бидат познати уште два полуфиналиста во ова натпреварување. Фенерџијата во македонската прва лига, тимот на 11 Октомври во Струга (13 ч.) ќе биде домаќин на лидерот Вардар (прв меч 0:2), во Штип, пак, во истиот термин Брегалница ќе се обиде да ја анулира негативата од два гола (1:3) од Турново во дуелот со екипата на Хоризонт.
Средбата меѓу Напредок и Работнички (1:4) е презакажана за 16 ноември по барање на дебармаалци. Според календарот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) полуфиналните мечеви во националниот куп ќе се одиграат во април месец наредната година. (С.Д.)
|