18.11.2011, 14:08 Ќе се зголеми бројот на предмети за државна матура
Од учебната 2013/2014 матурантите ќе полагаат четири екстерни предмети на државната матура, информираше денеска на прес-конференција министерот за образование и наука Панче Кралев.
Генерацијата од оваа и од наредната учебна година како и досега ќе бидат тестирани по два екстерни предмета - мајчин јазик и литература како задолжителен и по избор - математика или странски јазик, односно филозофија или естетика за уметничките училишта.
Со двата дополнителни екстерни предмета ќе бидат укинати двата интерни по кои матурантите се оценуваат од нивните предметни наставници. Екстерните или надворешни текстови ги оценува Државниот испитен центар (ДИЦ).
Министерот Кралев рече дека во консултации со ДИЦ и со Бирото за развој на образованието ќе биде одлучено кои предмети ќе бидат нови екстерни и како ќе се полагаат.
Посочи дека рано ја најавува оваа новина за средношколците кои сега се во втора година да имаат доволно долг период за подготовка на државната матура со зголемен број предмети.
- Сакаме учениците да се фокусираат на предмети што ќе бидат добра основа на високото образование што потоа ќе го изберат. Со двата дополнителни екстерни предмета ќе се заокружат потребите за тестирање на стекнатото знаење во средното образование, рече Кралев.
Електронскиот систем што се подготвува за екстерно тестирање на сите ученици на крајот од учебната година ќе се применува и за спроведување на државната матура. Системот е се уште во подготовка и неговата техничка функционалност ќе се провери на пробно екстерно тестирање.
Годинашната државна матура како и досега ќе се полага на почетокот на јуни.
|