17.11.2011, 14:09 Во Црна Гора на море само со лични карти
Македонски полицајци ќе помагаат да се оддржи редот за престојното Европското ракометно првенство во Ниш.
Македонските и црногорските граѓани наскоро ќе можат да патуваат во двете земји само со лични карти. Ова е еден од заклучоците од билатералната средба на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со нејзиниот црногорски колега Иван Брајовиќ, на маргините од конференцијата на министрите за внатешни работи на земјите од т.н. „Салцбургшки Форум“ што се одржува во Софија. Оваа иницијатива предложена од наша страна, наското ќе биде официјализирана со потпишување на билатерален договор меѓу двете земји.
Како што е познато, ваков договор имаме и со Србија и со Албанија, но тие се' уште не се ратификувани од парламентите на земјите.
Од МВР информираат дека на министерската конференција, Јанкулоска предложила за време на летната сезона, македонски полицијаци да бидат присутни во туристичките центри во Бугарија и во Црна Гора, а нивните полицајци да дојдат во Македонија. Овие службеници би имале одредени ингеренции во областите на јавниот ред и мир и сообраќајот.
„Првично е договорено македонските полициски службеници да извршуваат задачи во Банско во зимскиот период и на приморјето во текот на летото, додека странските полициски службеници би биле присутни во нашите туристички центри Охрид, Маврово, Попова Шапка, но и на други места доколку се јави потреба“, соопшти МВР. Ваква иницијатива веќе е доставена и до полициите на Турција и на Србија, а ќе биде доставена и до Грција.
На Србите им предложивме, а тие начелно се согласија, наши полицајци да помагаат во чувањето на редот на скорешното Европско ракометно првенство, кое ќе се оддржи во Ниш, каде се очекува инвазија од македонски навивачи. (Г.А.)
|