18.11.2011, 12:27 Концерт на „Скопје конекшн“ со Ернст Реијзегер на виолончело
Триото во состав Георги Шарески (гитара), Емин Џијан (хорна, синтисајзер, мелодион) и Лука Аквино (труба) ќе го промовира новиот албум.
Современото музичко трио „Скопје конекшн“, утре во Домот на АРМ во 21 часот, ќе одржи концерт кој ќе претставува промоција на најновиот, втор по ред албум насловен „Skopje Connection meets Ernst Reijseger“. Гостин на концертот, воедно и на албумот како што кажува и самиот наслов, е реномираниот виолончелист од Холандија, Ернст Реијзегер. Новиот албум на „Скопје конекшн“ кој содржи 13 композиции чии автори се членовите на триото, е објавен за норвешката издавачка куќа „Лосен Рекордс“.
Триото „Скопје Конекшн“ го сочинуваат извонредните македонски музичари - Георги Шарески (гитара) и Емин Џијан (хорна, синтисајзер, мелодион), како и италијанецот Лука Аквино (труба), еден од највпечатливите европски џез музичари од поновата генерација.
„Скопје конекшн“ својот прв албум насловен „Амам“, снимен во Скопје, го издадоа во 2009 година во Италија во продукција на Енрико Блумер. Неколку месеци подоцна беше избран за албум на годината според најголемиот портал за џез-музика - Allaboutjazz.com. Во изминативе две години, триото настапува на некои од најголемите европски џез-фестивали, а пред македонската публика премиерно се претстави на „Скопскиот џез-фестивал“ во 2009.
Инаку, виолончелистот Ернст Реијзегер кој првпат гостува во Македонија, се смета за еден од најпознатите европски музичари за современа, класична, џез и импровизирана музика. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои и на престижните „Boy Edgar“ во 1985, „Bird Award“ на „North Sea“ џез-фестивалот во 1995, како и Едисон „Hedendaags Klassiek“ за современа класична музика во 2010 година. Соработувал со некои од најголемите светски имиња, меѓу кои и сo Трилок Гурту, Јо Јо Ма, Гери Хемингвеј и други. Раијзегер е и автор на филмска музика, а долги години соработува со култниот режисер Вернер Херцог. (Т.И.)
|