14.11.2011, 15:01 Актерот и режисер Лазар Ристовски гостин на „Синедејс“
„Бели лавови“ е филм за соништата за подобар живот, рече Лазар Ристовски, режисер, продуцент и актер во овој хрватско-српски филм, кој беше прикажан на фестивалот „Синедејс“
По „Бело одело“ во 1999 година, ова е втор режисерски проект на Ристовски, познат по голем број улоги во југословенската кинематографија и на театарската сцена.
„Нема да кажам ни дека е добар, ниту лош. Филмот е необичен... Сакав да направам филм за денешнината, а да не биде преголема драма, зашто времето во кое живееме е многу драматично, а на моменти и трагично. Направив филм кој мислам дека е забавен за публиката“, рече Ристовски.
Премиерно во Србија филмот беше прикажан во април годинава и досега го виделе 45.000 гледачи, а предизвикал и бројни коментари на социјалните мрежи. Критиката не му била многу наклонета, па сепак, очекува „Бели лавови“ да има богат фестивалски живот. Социјалниот бунт против неправедниот свет, политичарите и новокомпонираните богаташи, јунакот на филмот (Диле) го изразува преку рап што го пее на крајот на филмот. Тоа, според Ристовски, е и мал куриозитет во филмската продукција за��то неговиот рап станал популарен и му се допаднал дури на познатиот рапер Чак Ди од њујоршката група „Паблик енеми“, кој гостувал во Белград додека се снимал филмот на Ристовски.
Одговарајќи на новинарски прашања српскиот актер, познат по улогите во „Игмански марш“, „Тито и јас“, „Подземје“, „Балкански правила“..., рече дека тоа што во Србија многу актери станаа и продуценти, според Ристовски, е изнудено од тешките 1990-ти години на Балканот. Тој додаде и дека би сакал да сними филм во Македонија, можеби во Мариово, од каде што потекнува неговиот татко. Инаку, има играно во два македонски филма, „Јазол“ на Кирил Ценевски (1985) и „Збогум на 20 век“ на Дарко Митревски и Александар Поповски (1998).
|