15.11.2011, 15:52 (ФОТО) Здодевно реми во Прилеп
Пријателски натпревар без шанси и голови меѓу фудбалските репрезентации на Македонија и на Албанија
Сашко Ѓ. Димовски
Фото: Петр Стојановски
ПРИЛЕП - Реми на македонската фудбалска репрезентација во воведот од серијата пријателски натпревари како подготовка за квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година. Денеска во Прилеп немаше голови против Албанија, а немаше ни шанси ни допадлива фудбалска претстава на „Гоце Делчев“. Двете селекции прикажаа ниво под очекуваното, па затоа и гледачите разочарани го напуштија стадионот. Македонија настапи без четворица стандардни репрезентативци, а Албанија допатува без осуммина. Ова беше осми пријателски дуел со западниот сосед и трето реми. И претходните два пати кога немаше победник немаше ни голови. Сепак, билансот е на наша страна: имаме четири победи (5:1, 1:0, 3:1 и 1:0) наспроти еден пораз (0:2).
Тошак почна формациски офанзивно со Наумоски, Ѓуровски, Ивановски и Хасани, но првата закана беше пред нашиот гол. Подарок-ситуација имаа гостите по еден кикс во нашата одбрана, Коши ги тестираше својот удар и голманот Пачовски, но топката помина крај голот. Истиот фудбалер подоцна во нова можност за гол што во последен момент ја реши Мојсов. Обете шанси дојдоа по конфузија во македонската дефанзивна линија. Впечатливи беа проблемите што ги создаваа албанските крилни играчи на македонските странични во овој период од натпреварот. Тодоровски загуби дуели со Мива, на спротивната страна Димитровски со Коши, но противникот тоа не го искористи.
Ни продолжението не понуди кој знае каков фудбал, но донесе консолидација на македонската репрезентација до крајот на воведните 45 минути. Заигравме посигурно, како одминуваше времето одбрана беше порешителна, средниот ред функционираше задоволително, фудбалерите со офанзивни задачи одговараа и на обврските во дефанзива. Особено Ивановски и Хасани кои често знаеја да се вратат и на сопствената половина и на помогнат во неутрализација на обидите на селекцијата на западниот сосед, но и Ѓуровски. Македонија до крајот на првиот дел постигна гол, но поради недозволена ситуација на Наумоски, судиите од Хрватска го поништија.
Многуте измени ја разводнија играта во вториот дел. Ако првото полувреме може да добие преодна оценка на стаклени нозе, продолжението не. Падна темпото на игра, посебно по излегувањето на Наумоски и иако задржавме иницијатива, сепак, какви-такви ситуации за гол се случија пред нашиот. Една таква беше во 68 минута кога Цана ги загреа дланките на Нурединовски. На спротивната Ибраими и избега на гостинската одбрана, влезе во албанскиот казнен простор, беше соборен во него од голманот Хиди, но словенечкиот судија Винчиќ не реши да покаже на белата точка. Единствената придобивка за обата селектора е што имаа можност да видат со што располагаат, па шанса им укажаа на сите повикани.
Македонија – Албанија 0:0
Стадион: „Гоце Делчев“ во Прилеп. Гледачи: 5.000. Главен судија: Славко Винчиќ од Хрватска. Жолти картони: Мојсов, Георгиевски и Демири од Македонија, Далку и Цана од Албанија.
Македонија: Пачовски (Нурединовски 46 мин.), Тодоровски (Георгиевски 46 мин.), Шиков, Димитровски (Лазевски 79 мин.), Мојсов, Демири, Шумуликоски, Ѓуровски (Ибраими 46 мин.), Хасани (Глигоров 69 мин.), Наумоски (Фетаи 61 мин.), Ивановски. Селектор: Џон Тошак.
Албанија: Хиди, Лила, Далку, Цана, Аголи, Мива (Лилај 85 мин.), Вила (Велиу 90. Мин.), Тели, Салихи (Каплани 55 мин.), Бакај (Јамузи 36 мин./Лика 85 мин.), Коши (Музака 55 мин.). Селектор: Џемал Мустеданагиќ.
Признание за Седлоски
Мечот во Прилеп почна со мала свеченост. Официјално збогување со националниот тим имаше долгогодишниот стандарден репрезентативец и столб во одбраната Гоце Седлоски кој доби признание за 100. одирани натпревари за Македонија, во кои постигна и осум гола.
Седлоски од неодамна е дел од Стручниот штаб на Џон Тошак. Тренерската кариера ја почна во авсрискиот бундеслигаш Матерсбург, каде што работи и во моментот.
|