15.11.2011, 10:53 НБА сезоната пред откажување
Синдикатот на играчите на американската НБА лига ја одби вчера понудата на сопствениците на клубовите, така што сезоната во најсилната кошаркарска лига во светот е пред откажување.
- Подготвени сме да поднесеме тужба против лигата и сметаме дека тоа е најдобар начин играчите да го добијат она што им припаѓа, изјави извршниот директор на синдикатот Били Хантер, откако е одбиена понудата со која сопствениците на клубовите предложиле поделба на кошаркарските приходи 50:50 отсто.
Принудниот „прекин на работата“ во НБА лигата трае веќе 137 дена поради неможноста играчите и сопствениците на клубовите да се договорат околу новиот колективен договор, а претседателот на советот на играчите Дерек Фишер го нарече одбивањето на понудата „најдобра можна одлука“.
- Повеќето играчи многу работи ставија на коцка. Меѓутоа, сметаме дека тоа не е важно само за нас, туку и за оние кои ќе играат во лигата следната деценија и понатаму, истакна Фишер на прес-конференција, на која присуствуваа голем број светски кошаркарски ѕвезди.
Комесарот на НБА лигата Дејвид Штерн оцени дека кошаркарите се одлучиле за „самодеструкција“.
|