13.11.2011, 12:04 Трофејот „Златен гонг" за Фатлум Жута
Македонскиот боксер во извонредна борба го победи Тунижанецот Амор Бахри.
Миодраг Мицковиќ
Годинашен освојувач на вредниот трофеј на традиционалната боксерска ревија „Златен гонг" е македонскиот репрезентативец Фатлум Жута. Во една извонредно возбудлива и квалитетна борба тој го победи Тунижанецот Амор Бахри со 7:4 на поени. Пресметката во текот на сите три рунди беше рамноправна, противниците разменија повеќе удари, но во финишот на третата рунда Жута тргна во офанзива, почна да собира поени со чисти удари и заслужено го победи својот ривал од Тунис. Тоа беше и најдобар меч во финалето.
Фатлум Жута беше единствен од тројца боксери од Македонија кои победија во финалните борби. Младиот Ахмет Хајредини загуби од Италијанецот Алесио Ди Савино со 4:2 на поени во категорија до 56 килограми, Димитар Ташков не се прослави многу. Се предаде во втората рунда во мечот со Албанецот Шеристијан Демеи.
Во годинашното издание на "Златен гонг" настапија околу 60 боксери од 12 држави: Бугарија, Италија, Шпанија, Романија, Молдавија, Словенија, Белорусија, Албанија, Босна и Херцеговина, Тунис, Хрватска и Македонија. Иако претходно најавија учество, сепак, боксерите од Србија не допатуваа.
Победниците во полуфиналните борби добија по 200 евра парична награда, успехот во финалето носеше двојно повеќе.
На крајот на традиционалната боксерска ревија која годинава се организира по 41. пат специјалното жири додели и специјални награди. "Златниот гонг" заслужено се најде во рацете на македонскиот боксер Фатлум Жута, кој за првпат го освои овој вреден трофеј. Пехари добија и Амир Бахри (Тунис) за најдобар техничар, Босанецот Џемаил Бошњак за најборбен учесник во турнирот, Виктор Џухун од Белорусија за најмлад финалист, Албанецот Зеф Џон за најуспешен тренер и Валериј Банаилк од Молдавија на кого му припадна пехарот за најдобар судија на ревијата.
На оваа најголема боксерска ревија во Македонија годинава не учествуваа нашите двајца најдобри боксери Примислав Димовски, четирикратен освојувач на гонгот, и Велин Мумин, трикратен освојувач на турнирот, поради вишок на килограми.
Неучеството на претставници од Русија и Куба беше голем хендикеп кој се одрази врз квалитетот на боксот на ревијата оваа година. И покрај бесплатниот влез мечевите ги следеа околу 500 љубители на боксот.
Финални резултати
до 52 кг.: Георги Андонов (Бугарија) - Виктор Џухун (Белорусија) 2:0 до 56 кг.: Ахмет Хајредини (Македонија) - Алесио Ди Савино (Италија) 0:2 до 60 кг.: Ајрин Исметов (Бугарија) - Сергеј Куњицин (Белорусија) 0:2 до 64 кг.: Серџо Вина (Албанија) - Ангел Христов (Бугарија) 0:2 до 69 кг.: Астмер Билали (Албанија) - Ервин Брулич (Словенија) 2:0 до 75 кг.: Фатлум Жута (Македонија) - Амор Бахри (Тунис) 2:0 до 81 кг.: Виктор Костијанин (Молдавија) - Џемаил Бошњак (БиХ) 0:2 до 91 кг.: Димитар Ташков (Македонија) - Шеристијан Демаи (Албанија) 0:2 над 91 кг.: Рок Урбанц (Словенија) - Ајмен Тритерси (Албанија) 2:0
|